Фарса

2781677144538011265HqKmYBFc

Ти знаеш дека не ме сакаш мене, ни па ја те сакам тебе, се ова е фарса.

Ти знаеш дека кожата под хулахопките ми се ежи и без да ја допреш , јас знам дека усните ти се горки и без да ги пробам.

Ние знаеме дека ова е жед.

Ти знаеш дека не ме сакаш мене додека во очи ме гледаш, ти знаеш дур на двете дупчиња над кичмата вино ми поливаш.

Јас знам дека  не те сакам тебе и ти ги забивам ноктите, јас знам дур ти дишам парфемот на вратот ти го осеќам.

Ние знаеме дека ова е страст.

Ти знаеш кога ќе се раздени, и јас знам кога шминка ќе немам.

Ти знеш кога чашите се празни, јас знам кога пепељарата е полна.

Ние двајца знаеме додека сонцето изгрева и мојата глава е на твоето рамо.

Ни ти ме сакаш мене, ни ја те сакам тебе

Се ова е фарса!

Ел.

Advertisements

Кукли на конци

Си врзав шамар, и уште еден потоа. На огледалото.

Сама пред себе.

Смири се!

Кога го запознав осетив дека сме две кукли на конци и некој од горе не управува.

Моето однесување не беше мое, та ни неговото негово. Тука негде помеѓу емоциите и зборовите се сплеткавме.

Кога го запознав знаев дека тие шамари пред огледало нема да ме освестат.

И почна тој од горе да управува, тој со конците, и ние куклите.

Слушај, вака беше….

Она кога се возиш низ некој град по прв пат, и минуваш низ центарот, гледаш излози, згради, светилки, луѓе како се бакнуваат, некои сами чекорат.

Солзи, прав, алкохол, кловнови, смет по улиците…

Лица насмеани..

Го подотвараш прозорот и ветар те удира во лицето, мирис на локална храна, воздивнуваш.. Восприемаш…

Светилките ти одблеснуваат во лицето.. Се осеќаш жив , жив се осеќаш!

Но нема застанување, се возиш низ градот, и полека ноќта стивнува, а ти доаѓаш до излезот, и таму е темно, и се потемно е…

Полека се губат сенките на луѓето , го подотвараш прозорот и студен ветар те гори по образите ти го суши грлото.

Панично го затвараш..

Се вртиш и по другите стакла , бараш живот, но гледаш само темница.

Почнуваш да гребеш и да удираш, рацете ти се потат и си го осветлуваш челото со жарот од цигарата.

Се доаѓа и поминува.

Се доаѓа и поминува.

Се доаѓа и поминува.

Полека очите ти се привикнуваат во темнината.

Почнуваш да си замислуваш светилки дур гледаш повторно низ прозорецот.

Си замиснуваш и дека има луѓе наоколу.

Се шетаат и си потпевнуваат..

Види колку е убаво.. Сонцето изгрева.

Почнуваш да гледаш во темнината, и само на своите слики, на своите слики им веруваш..

Оти тие единствено ти останаа..

Тие никогаш нема да те изневерат!

Кога го запознав јас пројдов со него низ тој град, и продолжив понатаму сама..

Некој од горе со нас, ко со кукли на конци си играше.

Допри го по вратот.

Бакни ја.

Тргни му се.

Повлечи ЈА!

Гушни го.

Гушни ја силно.

Стојте така.

Стојте уста до уста на студот.

Оди си.

И ти оди си.

Не гледај назад.

НЕ!

Некој од горе ко со кукли на конци со нас си играше.

Сега само слики, слики и исечоци од таа претстава мижам за да сонувам.

Делови проклети останати во спомениве ги шијам и зашивам , си правам со нив џемпер и заспивам..

Кажете му на тој горе со вештите раце дека претставата му му е глупа , и дека студот вака не се издржува.

Нека ги исече проклетите конци и нека го каже крајот!

Си врзав шамар, и уште еден по него пред огледалото..

Ништо , ништо по него не осеќав..

Ел.

Ајде да бегаме

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Колку време ти треба?

Да бегаме..

Кога ќе ме прашаш што има?

Кога ќе ме прашаш што има јас си ја каснувам устата.

Да бегаме.

Како , како да ти кажам дека кај мене во глава лудаци со мантили и раце врзани позади си играат вечерва криенка?

Како да ти кажам дека едниов е невидлив  и никогаш нема да го најдат другиве, другиве ќе ме полудат.

Како да ти кажам дека кај мене во глава еден човек секоја ноќ крвта своја си ја пие, и со ноктите чкрта по ѕидовите,

криците, криците ќе ме убијат.

Како да ти кажам дека ноќта е млада ама месечината е стара, а овие во бели мантили се твоите ликови насекаде, со инекции за подобро да ни биде, вбризгуваат моменти каде што најмногу ме боли.

Колку време ти треба?

Како да ти кажам оваа година е поинаква, и дека сега игрите тие ги играат.

Игрите тие ги играат а јас ги посматрам од страна ко демек може ќе им здосади.

Колку време ? Колку?

Легнав на плочките  и го гледав плафонот.

Ништо нема да ти одговорам.

Почна да свири пијано, некој во главата се опил се начукал.

Толку добро свиреше што само лежев и гледав во врвовите од своите прсти.

Тој си ја облакаше кошулата и се местеше пред огледалото, ова сако да го носам или потемното?

Ништо нема да ти одговорам.

Пијанистот продолжи да свири и сите лудаци во мантили седнаа околу него да го слушаат.

Тој момент и невидливиот што го бараа искочи и им се придружи. Не го ни погледнаа, беа внесени во музиката.

И старецот со збрчкана кожа го фрли шишенцето со крв на земјата и се  залепи до ѕидот со главата, веќе не шкрташе, ги спушти рацете надолу , го припи увото, и слушаше…

Настапи мир… Мир…..

Како да ти кажам дека ти беше пијанистот што свиреше дур со дланките каифчето од сандалите ми го одврзуваше.

Како да ти кажам дека со една кратка насмевка од неколку секунди лудаците ги смири и ги прелажа, како да ти кажам бре дека никој претходно не успеа.

Од устата своја  на мојата ми подаде бомбона со вкус на лимон и еукалиптус.

Колку време ти треба?

Не постои веќе време.

Да бегаме.

Ми подаде рака и излегов од една скриена соба што се наоѓаше во главата помеѓу тилот и пршлените.

Го стискав силно дур низ ходниците сигурно ме влечеше.

Подзастанав за момент да видам дали тие се тука, да видам. Дали се тука тие од кој се криев…

Ѕирнав во холот но немаше никој,

Ајде, ајде не застанувај извика..

Ме повлече посилно и продолжив да чекорам…

Дур се придвижував кон излезот вратата од собата на старецот беше отворена, на подот имаше дамки од крв..

Вриснав и си ја фатив устата..

Шкртаниците на ѕидовите останаа.

Пред самиот излез тој ми ја пушти раката..

Со мачен израз на лицето и поглед полн со олово ме погледна, ме погледна и без да каже направи гиримаса, гримаса ко..

идеш или?

Ел.

Барам станар, да бе станар!

10553359_10204834611565469_5151032434800078289_n

Ти го топиш мразот со погледот на два еднакви дела, и капките што се слеваат од страните со устата ги собираш…
Ти си прецизен..
Го кршиш сонот уште непочнат.
Ти знаеш како да бидеш и просјак и крал во исто време, просјак и крал во срцето мое.
Палам цигара и се потпирам на дрвената масичка во дневната..
Гледам еден весник стар оставен, со свиткани страници.. На него пишува..
БАРАМ СТАНАР.

Си мислам во себе..

Јас имам станар…
Јас имам и станар и подстанар проклетство..
Со денови го чувам во себе..
Го чувам ко зрак во една темна соба.. го хранам.. му давам љубов..
Го чувам со години.. со години тој не плаќа кирија..
Прекини..
Ме истроши…
И јас барам станар..
Нов . Примерен. Искрен. Што ќе ја сака топлината. Што нема да се плаши од темнината. Што ќе знае да враќа, да враќа бар пола од овој другиов.
Барам станар за во срцево. На привремено да ја потполни празнината..Да го намали ехото , да ја гушне душата..
И навечер кога ми е чудно и се тресам, тој да рече..
Шшшшт, затоа сум тука, затоа сум тука.. Ќе помине..
Станар што ќе плаќа кирија со срцето,
Кога ќе ми речам ама САКАМ, он да го знае одговорот.

Да ми дувне накај лицето, и со здивот да го одлепи праменчето коса залепено на устата.
Да ми ги бакнува очите. Прво едното, па другото да не остане покусо.
Барам станар што ќе пие рано наутро чај со мене.
На терасата на шести спрат седнати и нозете надолу да ни висат.
Само будалие го прават ова, само тие се станати во ова време.
Јас и ти мислиш.
Јас и ти само со чаршав превиткани во ниедно време да се љубиме на балконот на шести спрат дур нозете ни висат надолу.
Јас и ти мислиш.
Со ноктите да ти цртам букви по грбот, а ти да погодуваш.
Три пати ако утнеш ти правиш доручек..
Барам станар со светлина помеѓу прстите…
Така.. така се плаќа кирија..
Барам станар, зошто овој претходниов денес го отселив.
Ел.

Мирот, мирот кога ќе сфатиш колку ти недостасува

 

wordpresssllika

Ќе се тргнеш сосема случајно од болното секојдневие што ти прави дупка во петите и модра сенка под очите.
Ќе се тргнеш сосема случајно, ко да вадиш камче од патиката без никој да те примети.
Ни самиот нема да знаеш колку гласови слушаш кога ќе престане да ги има.
Ќе те облие врела пот кога ќе сфатиш дека до тебе е, а не го гледаш.
Мирот, мирот ти недостасува.

Ќе сфатиш кога ќе залуташ сосема случајно во некое напуштено село. Ќе застанеш покрај извор што фрла ладна планинска вода. Ќе си го измиеш лицето, модрото под очите.
Ќе ти се отворат ноздрите кога мирис на нане ќе те прободе ко што сонцето те боде секое утро дур ја отвараш ролетната за ново започнатиот ден.
Таман да влезеш во колата, ќе видиш како стар човек си оди накај дома, ќе те отпоздрави насмеан.
-Што наваму те донесе синко?
-Среќата деде.
-Ако ако убаво, само ќе каже.
Јас и бабата живееме сами долго време, скоро никој нема во селото, сите заминаа, ама нас убаво ни е. За ниедно место на светот не би го менувале ова.

Ќе тргнеш пеш да го разгледаш местото, и зелените завеси спуштени да не пробијат сончевите зраци во куќите од керпиџ направени. И зуењето на мувите како единствен звук тоа попладне. Како единствен звук после ѕвонците на добитокот кој оддлеку се слушаат.
Јас и бабата живееме сами долго време, и убаво ни е, и убаво ни е, и убаво ни е… ќе ти одекнуваат зборовите на стариот во ушите додека се бориш повторно со самиот себе.
Вкусот на пресно млеко наутро и топол замесен леб.
Никој , никаде, никој дотебе.
Никој ко демон во градите, никој ко отров во крвта.
Соѕвездие над отворениот покрив во стара напуштена куќа.
Чадот од цигарата низ пукнатините на твојата душа.
Никој , никаде, никој дотебе.

Роман со жолти страници и мирис на живот, под сенка на некое старо дрво …
Роман со жолти страници и мирис на смрт, кога ќе ти текне дека тие страници чист живот на ѓаволот ги продадовме, за да не сфати, за да не бидеме единствени со дупка во петите и сува откорната усна.
За да не бидеме единствени што парите ги дишат, а воздухот го забораваат,. Да не бидеме оние што немаат време, туку го купиле.
И моето , и твоето , и нивното.
Ја купиле и љубовта, и вниманието.
И ќе се свиеш и стуткаш во ќош ко мало дете кога ќе се удри и за инат нема да плаче, ќе се бутнеш во темнината на некоја уличка во тоа мало селце, и ќе си ги гледаш рацете , и нозете , и телото, и вените, и ќе голташ додека не осетиш како плунката ти проаѓа надолу.
Ѓаволе, ти си само човек, човек од крв и месо.
Плачи, плачи и радувај се!!!

Мирот, мирот кога ќе сфатиш колку ти недостасува…
Ел.

Бетер од тоа!

 Lightning+Storm+Brings+Much+Needed+Rain+Holy+Bh5ALX5ll4El

Громови и молњи над нас, ние самите бевме бетер од тоа.

Громови и молњи над нас, тогаш повторно се видовме.

Електрично празнење во тој поглед на нашите души.

Громови и молњи над нас, ништо не не руши ни убива, да се мразиме ќе продолжиме да живееме.

Седевме на еден видиковец, ме погали со прстите по лузните на раката, не рековме ништо.

Седевме на еден видиковец, само ние двајца и небото над нас.

Се спремаше бура, страшна бура,  го допрев лицето до неговото рамо, ветарот ми ја бушавеше косата.

Ми се наежи кожата додека ми поминуваше со ноктите по коленото, по дланките.

Молчев ко нема, молчев затоа што имав многу да кажам.

-Ќути поарно

-Ќути поарно и ти.

-Поарно и двајцата да ќутиме, жити се.

 

Седевме на еден видиковец, далеку од градот, после долго време, после многу години.

Низ небото беснееа блицови чиниш некој од горе се радува, па не слика вака еден до друг .

-Еј немој сликите на фејсбук жити се.

-Имаш глупа смисла за хумор,

-Знам.

Истури дожд на нас, по очите , по капаците , стапалата, усните.

                Не се мрднавме, ама не се помрднавме од место.

Мислам и на двајцата ни беше страшно сеедно што ќе се случи околу нас во тој момент.

Битно бевме тука, и бевме смртно лути, освен саркастичен хумор чат-пат, не се слушаше ништо друго.

А и што да си кажат некој што напишале три тома со својата историја? Мојата и неговата заедно споена, можеше да биде вистински филмски спектакл.

Да не заборавам и турска серија, со харем жени, нормално , неговата вечна фасцинација.

Го  посматравме градот, и низа слики ни врвеа пред очи што се се случувало тука.

Каде прв пат се запознавме, каде проклето се разделивме. Каде планиравме децата да ни играат жмурка, каде отиде со друга.

Толку мало место, а сиве овие години разор по душите ни праеше.

Ништо не зборевме.

И од громови, и од молњи, бетер , бетер бевме!

-Морам да одам, ме чека малата од градинка да ја земам.

-И моиве дома сигурно беснеат.

-Ќјути поарно, ќути жити се.

Не бива да лажеме, ама самите нема да се прелажеме.

-Не стварно, ајде да идеме,  треба вечер да искачам.

-И ја да праам нокти.

-Фала што врнеше со мене,

-Фала и на тебе што ги разубаве сликите.

-Хаха идиот!

Ел.

Ќе те има, па ќе те нема…

 

Модро ми е лицево од мастилото што го шљакав додека го пишував и ова писмо.

Модро ми е лицево од мастилото што го размачкав додека го кинев истото.

Да беше сцена од филм, да беше глумец во театарска претстава, да беше жонглер, комичар, се тоа ќе го сфатев , ќе поминеше…

Но не, ти го избра најлесното

Избра да бидеш идиот.

Без лимит, без граници, без траење, без усул.

Идиот еднаш, идиот до крај.

А знам дека… Знам и како е…

Ќе те има па ќе те нема,

Ќе те има па ќе те нема во нечиј живот како утринска роса во есенско утро.

Ќе те има па ќе те нема ко сонце после дожд, да ти го згрее фацичето, да ти ја стопли насмевката.

Ќе те има како секојдневие, како голтка од првото кафе, како модрица од фиоката подотворена,

Ќе те има како поглед во огледалото, ќе те има ко неговиот одраз, добро е , целосен си сеуште.

Ќе те има ко крај на книга, ко прашина на полица.

Ќе те има ко здив после секој нареден, ќе те има, ќе те има колку што нејќам и дупло, тродупло.

Ќе те има во секоја мисла, секој мирис, секој лик, секој покрет,

ќе те има зошто ќе потсеќаш, ќе отвараш рани без да зашиваш.

Ќе те има, насекаде ќе те има..

Модро , модро ми е лицево од мастилото, од пенкалото што го гризев додека сакав да го напишам и вториот дел, а не можев…

Но ти веќе го направи изборот, и сега не можам да го снемам крајот.

Избра да бидеш Идиот.

И знам дека , знам дека..

 

Ќе те нема,

Ќе те нема ко сонце во зима

Ќе те нема  ко лека ноќ од мајка кај сираче, ко лек кај болен.

Ќе те нема во одразот на огледалото, помеѓу празнините на прстите.

Ќе те нема ко вода во пустина ,ниту црцор на птица наутро.

Ќе те нема ко цел свет да го нема.

Ќе те нема иако илјадници околу ќе живеат.

Ќе те нема ко да си мртов , а живееш.

Ќе те нема бетер од тоа.

Ќе те нема без адреса, без место на кое писмо треба да пратам.

Без очи кои треба да го прочитаат.

А знам дека, знам..

ЌЕ ТЕ ИМА, ПА ЌЕ ТЕ НЕМА…

Ел.

 

Кај и да идеш, на истото ќе се враќаш!

 

8f82ed266eb8b02ce201de98999d46f6

Една стара баба еднаш ми рече, кај и да одиш синко, на истото ќе се враќаш, таква ти е ѕвездата.

Си реков што и е на оваа, какво исто, не знае што збори. Излетав со главата во облаците, чиниш таму злато за секој здив кислород давале.

Една стара баба, женичка, со збрчкано лице, со пори на лицето што приказни кажуваат, ми рече: Синко  животот е краток , многу краток.

Сакав да ја погалам по рамото, по главата, и да и кажам, бабичке, ти си го изгубила паметот со годините, ајде одмори си се.

Ама не, само ја погледнав и заминав.

Лесни ми беа чекорите, ни ми тежеше ништо на грбот, окови бев прекрстила во слобода, и со гласот ги успивав и станував ангелите.

Еден ден, не не, не беше ден, не беше ни саат, ни минута, можеби се работеше за делови од секунда, кога сфатив дека за тебе..

За тебе ќе умрам.

Секогаш кога бегав, бегав далеку од тебе, гласот на старицата ми одекнуваше во уши

КАЈ И ДА ОДИШ СИНКО , НА ИСТОТО ЌЕ СЕ ВРАЌАШ.

Не се враќав, за инат на неа, за инат на тебе, на себе, не се враќав , но сегде со себе те носев.

Те носев длабоко во душата, во зениците,  во сржта, те стискав и криев со насмевка од другите, пеев и се смеев за да не дознаат, за некако да не се издадам. Но навечер кога сите ќе заспиеа ти почнувше полека да се раѓаш, ко мало бебе со плач и нож во рацете, ми правеше хаварии низ телото, во душата.

Оди си , оди си липајќи ќе си кажев колку те мразам, и веднаш потоа ќе потонев во длабок кошмар.

Наутро кога ќе  станев , ќе се нашминкав, па ќе си ја ставев насмевката на огледало, ќе вежбав неколку минути потези за тоа да изгледа реално.

Кај и да одиш,пак на истото ќе се враќаш!

Не ме зафркнуваш старице и денес, не те слушам, не не те слушам!

Ги затнав ушите,  ги затворив очите, и со години го скрив срцето. Никој не можеше да го најде, да се пробие, да го допре.

Слушнав од некаде дека старицата починала, таа беше онаа истата што ми го кажа тоа , чудна жена, ден денес така си мислам.

Не знам дали веста за нејзината смрт, или тоа дека при крај бев со лузните , и немаше веќе место за нови, решив дека ќе му пишам.

 

Драг стар пријателе

Пријателе

Еј,

Здраво, јас само да те поздравам

Седам и размислувам после долго време што да ти кажам.

Супер ми е без тебе, напредувам.

Ама некако ладно е, ладно е од кога отидов.

Животот е пре краток за и вечерва да те немам.

Животот е пре краток за уште еден ден без тебе, уште еден час, минута , секунда.

Сакам да те гушнам, да ти ја гризам устата додека пцуеш ‘Иди у пм боли лудачо’

Сакам да се караме ко порано, онака додека еден не ја напушти собата, да урламе и трескаме врати. Сакам да си пијан, и да те слушам додека се преправаш демек знаеш да пееш. Сакам да знаеш дека стварно врска си немаш од пеење!!

Убаво ми е тука бе, супер ми е, ама нема кој да ме грее, нема кој ми ги зашие крилјата. Оние што ги имав додека бев со тебе.

Летав…

Летав…

Летав…

Да не останаа кај тебе случајно, крилјата, оние белите?

Што ги носев додека ме фрлаше во оган, и секој пат ме спасуваа.

Оние што ги галев додека читав секое утро:

Добро утро те сакам,  стани те сакам, дојди да доручкуваме те сакам.

Што ги носев додека место кафе наутро ми ставеше отров, напиј се мила, ко ти што сакаш го напраив.

Што ги носев додека ти се смеев во фаца во лифтот, кога несакајќи знаев да ти ја направам кошулата со црвен кармин. НЕ ПАКК, ЌЕ ТЕ УБИЈАМ!

Е баш убаво ти иде со стајлингот, сакаш и на устето кармин злато?!

 

Провери случајно да не се кај тебе, мислам оти ги оставив кога си заминав, не мислам него сигурна сум, ако не си ги подарил, прати ги , прати ги кога поракава ќе ја добиеш, прати ги со збор- два скромни , скромни но од душа.

Знам дека не те бидува за пишување, ама прати ги со себе, со себе понеси ги и појави се.

Ништо.., само одговори ако можеш.

Те сак

Чувај се.

Од кога пишав , веќе се осеќав полесно, одговор не очекував а и не ни добив.

Цел ден денес барам крилја, и вчера барав, тешко ми иде, не се наоѓа.

Ќе пробам утре, можеби ќе имам повеќе среќа.

Пораката е на погрешно место испратена!!!
Утнав бабичке, несакајќи беше.

Си немала право. Спокојна биди , спокојна, ако не најдам , ќе украдам.

Ти кажав дека ке дојдам.

Почекај уште малку.

Ел.

Не било речено…

Слика

Косената трева ми има мирис на тебе.

Косената трева ми има мирис на тебе, пролета пуста везден што и се радува.

И секоја е иста, и пролет, и музика, и глас и месечина. Секоја е иста, потсеќа на тебе.

Ама некој од горе рекол НЕМА.

И пред неколку години кога реков , дај , дај ми Боже знак. Само загрме, невреме беше, ама силно згрме.

Тогаш тој од горе рече НЕМА.

И џабе што зимата ме боли, мразот по душата изгравира НЕМА.

Пустина, пустина е патот кој го одиме сами.

Песок послан е цел патот низ кој тешки чекори газат, а трага не оставаат. Знае ветрот, знае дека треба зад нас се да избрише, трагот од песокот да исчезне.

И секоја наредна пролет, џабе, џабе што на тебе ме потсеќа, и ликот твој пред спиење ме труе, желбата земала нож па вели ај малку да си играме.

Ладни ми се рацете, да ги допреш по образот твој, дај да бубнам, ко дете мало да ме погалиш по главата.

Само така можеби и ќе заспијам.

Рацете нема да ми се стоплат, ама барем тебе ќе те осетат.

Косената трева ми има мирис на тебе, и семките, и липата во паркот, лосионот за тело ми има мирис на тебе…

И се ќе згасне, тие ќе останат, ноздриве ќе продолжат да го бараат мирисот твој, да те бараат.

И што да им кажам на очичкиве две ноќва, како да ги залажам, што да гледаат а тебе да те заменат?

Нема да заспијат , нема ништо приближно да ги смири, нема мене да ме смири.

Луѓе ми личат на тебе, случајни минувачи , патници бре ме потсеќаат на тебе. Се сецкам кога чекорам, ликот твој и во сон го барам.

Кошмар, само кошмар беше…

Продолжи да спиеш…

Ел.

 

Ние сме поинакви

Слика

Ние сме чудни луѓе, со погледот се пронаоѓаме, душата во длабочината на зеницата ја препознаваме.

Или си таков или не.

Не можеш да се преправаш, не можеш да се смениш, таков, таков се раѓаш.

Ние сме чудни луѓе живееме од денес за утре, правилата ги газиме ко сув лист на улица, додека сите го скокаат ние продолжуваме.

Крвта ни е модра , душата горка, погледот остар, главата, главата во хаос.

Ретко кога спиеме, цигарата поинаку ни чади, лудничава музика слушаме.

Лудничави сме , така од страна кога не гледаш, на прв поглед можеби ќе се исплашиш, на втор веќе ќе те облие топлина, ќе осетиш оган во градите.

И нема да знаеш зошто, но тоа е од љубовта од емоциите кои ги зрачиме.

Малку сме, малку не има, и фала богу дека е така.

Вечно сме незадоволни и не се вљубуваме во некој од нас, се вљубуваме во обичните.

И се надеваме дека ќе ги промениме, таа желба, таа револуција не храни, не храни и ни го дава тој остар поглед, таа горчина во душата, тој хаос во главата, тежи, и тешко е…

Уметничка нота ни ја плете косата везден, и завој раните не ги крие, гордо стојат пред светот сив некако језиво се двојат.

Утехата ни е сестра сестра близначка  сполотена со музиката и зборовите, секогаш , секогаш…

Диши, диши, диши…

Тука си..

Врати се,

Дај прозбори ми…

Врескај ако сакаш аман,.

Ајде отвори си ја душата кажи ми…

 

Денес  ќе ја играме играта што треба а не смее, онаа што сака а не може…

Две капки крв ќе се слијат по асвалтот,  со  свежа боја, а труло, труло во телото.

. Знаеш ли, знаеш ли како е проклето битие она кога си сам, а гужва луѓе има околу тебе? Она кога си сам и вилицата од студот те боли, надвор лето, жештина е, а тебе ладно, ладно ти е?

Она кога си сам , сам со себе, со мислите, деноноќно, така живееш. И песокот под стапалото те боли, зраците душата ти ја печат, тебе не, ладно ти е, дека си сам, страшно ти е.

Во главата два гласа моќна борба на престиж играат, ама телото друго сака, срцето никој не го прашува. Знаеш ли????

И денес повторно сонцето ќе зајде, и ќе те боли тоа што другите не ги боли, во очи ќе  копаат слики стари досадни, цел ден, цела ноќ.. А ти сам си, сам се роди. сам ќе си отидеш… Кој ќе плаче за тебе, кој ќе се радува?

Ние сме поинакви, немаме име ниту локација. Со духот патуваме гласот не си го слушаме.

Месечината ни го покажува патот по кој се движиме.

Застани, ти тука не чекори.

Јас јас ќе ти го покажам патот, ама не денес, ниту утре..

Стрпи се…

Ел.

%d bloggers like this: